Во Кривичниот суд денеска продолжи судскиот процес за убиството на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, а обвинителството продолжи со презентирање на нови докази. Кај обвинетиот Љупчо Палевски, Палчо, при претресите, имало пронајдени различни папки и документи, како и комуникации на социјалните мрежи.
-На 27.11.2023 осум инстант пораки од кои една во 7:29 на турски јазик. А останатите на 4.12.2023. комуникација на Ватсап и Фејсбук. На Фејсбук се користени девет различни профили од кои што во интерес се две комуникации остварени на 1.12.2023 со Влатко Кешишев и со Стефан Димковски. На Инстаграм користел само еден профил на 23.11.2023, рече обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.
Во однос на пораките ги има во периодот од 30.11.2023 до 3.12.2023, таа рече дека е пронајдена комуникација на Вибер со лице по име Драган кој според комуникацијата се наоѓа во Москва, на кого обвинетиот Палевски на 1.12.2023 во порака му пишува дека на 5.12.2023 планира да стигне во Москва, па бара од него помош да го земе од аеродром.
Обвинителката истакна дека и покрај констатираните обиди за бришење на комуникациите, постојат записници за комуникацијата помеѓу обвинетиот Палевски и лицето Хусеин, во кои тој го информира за букираната авионска карта за Минск. Во периодот меѓу 27 ноември и 1 декември 2023 година, обвинетиот не остварил разговори со никого освен со Влатко Кешишев и Стефан Димковски, додека на Телеграм биле забележани најмногу разговори.
-Важна е комуникација на 27.11.2023 со лице запишано како Геге шампион 2, кого Палевски го прашува дали може да поминат со лице Ферат на кафе, на што Палевски му одговара дека е уморен, цела ноќ не спиел, дополни таа.
Обвинителство денеска предложи и да се изведат шест ЦД дискови со видеа од безбедносните камери поставени на куќата на обвинетиот Велибор Манев, на кои се наоѓа материјал од безбедносните камери, кој ги опфаќа деновите од 20.11 до 3.12 2023 година со 24 часовен надзор.
На почетокот на судењето, Палевски побарал изземање на Жаклина Крстевска Јосифовски, Ана Стојковиќ Димитриевска и Гаврил Бубевски. Обвинил дека обвинителите фалсификувале податоци и телефонски анализи со цел да се овозможи лажни сведочења на еден од сведоците.
И минатиот месец, Палевски побара изземање на целото Обвинителство во случајот за убиствата. Во образложението, Палевски пред судот рече дека ниту 420 дена по убиствата, обвинителството не го обезбедило оружјето со кое тие се извршени. Палевски тогаш обвини и дека кај еден од обвинетите Боре Видевски, бил пронајден пиштол што одговара на описот на оној со кој се убиени Вања и Панче, но дека тоа не е приложено во листата на докази на Обвинителството. И одбраната на Палевски тврдеше дека обвинителството води хајка против него.
Судот ја одложи расправата за 21 февруари.
Во овој случај, покрај Палевски, обвинети се и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски, кои се изјаснија за невини.
Според обвинението, заедно планирале да го киднапираат 14-годишното девојче за да принудат член на нејзиното потесно семејство да обезбеди пари за поткуп. Во меѓувреме, киднапирањето на сега веќе починатиот Панче Жежоски во Велес било со намера да го присилат да им го даде своето возило Цитроен за да го употребат за киднапирање на детето во Скопје.
Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 24 и 27 ноември 2023 година беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 03.12.2023 година.