Палевски негираше вина: Не го познавам Александар кој е наместен од полицијата

од Nikola Popovski
80 прегледи

Во Кривичниот суд во Скопје почна судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.  Првообвинетиот Љупчо Палевски се произнесе дека не се чувствува виновен и дека Основното јавно обвинителство извршува политичка наредба.

Палевски пред Судот истакна дека во постапката како докази се ставени повеќе од 100 ДНК траги, а дури деведесет проценти од неговите приложени докази се користат против него, посочувајќи дека тоа се докази кои МВР Форензика ги има изготвено по наредба на Обвинителството.

-Јас бев киднапиран првите 7 дена. Ме донесоа на 15 мај во затворот во Скопје, но 7 дена не добив никаков акт. После ме донесоа со медиуми, со „калашникови“, 6 дена ме држеа, судијата на претходна постапка Душан Јосифов изврши кривично дело. Ова е политичко монтирано судење. Регуларно заминав за да направам магнетна резонанца на мојата кичма која 70 отсто не е во функција, рече Палевски.

-Александар е наместен од полицијата дека има врска помеѓу нас. Јас овој човек не го познавам, ниту Обвинителството има докази за тоа. Целиот процес е монтиран. Никој нема обид да бара пари од мајката на Вања ниту пак имало некаков контакт. Обвинението е чисто промашување, додаде Палевски.

Адвокатот на таткото на Вања, Владимир Туфегџиќ, по судењето изјави дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар.

„Сведоци сте дека обвинението се темели токму на доказите кои ги прибавил Александар и тоа со знаење и со согласност на полициските службеници за кои и јас како бранител барам да бидат испитани и да видиме како и на кој начин ја воделе постапката, а тврдам, и тоа не паушално, туку врз основа на она на што се темели науката и основните принципи, дека ова не е водено онака како што треба“, изјави адвокатот Туфегџиќ.

Од Обвинителството рекоа дека со докази ќе го докажат сето наведено во обвинението. Наведоа и дека располагаат со листинзи за разговори и пораки кои ќе докажат дека обвинетите долг период се договарале меѓу себе.

На почетокот на судењето по барање на мајката и сестрата на Вања, беше побарано да се исклучи јавноста на целото судење со цел да се заштити нивната приватност и психичкото здравје, бидејќи медиумскиот интерес им предизвикува дополнителна болка. Сепак ова судот не го дозволи.

Судењето продолжува на 7-ми октомври, а мајката, бабата и детото на Вања треба да се појават како сведоци.

Слични содржини