Првосомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски-Палчо е сменет од претседателската функција на политичката партија Десна. На местото од Палевски, како претседател на партијата сега е избран Тони Алексовски, тој заедно со Палевски е меѓу основачите на партијата.
На членовите на Десна кои се исто така осомничени во случајот за двојното убиство им е замрзнато членството.
Сепак дали партијата во која членуваат сите осомничени за двојното убиство ќе згасне, ќе зависи од обвинителството, од каде велат дека таква постапка се уште не е поведена.
Истрагата за убиството на Вања и Панче почна на почетокот на месец декември 2023 година и во неа, покрај Палевски, кој е осомничен за кривичните дела „грабнување“ и „убиство на свиреп начин“, за соизвршителство се товарат и Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски кои се во притвор во Скопје.
Во притвор се и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, кој се сомничи дека помагал во грабнувањето со тоа што, како што соопштија своевремено надлежните, споделувал информации со останатите осомничени за движењето на неговата ќерка, и Стефан Димковски, возачот кој го возел од Србија до Турција првоосомничениот Палевски.
Палевски прво пребега во Србија. Оттука преку Бугарија, заминал во Турција, каде полицијата го уапси во градот Баликесир.
Министерството за правда соопшти дека преку дописот од Републичкото Јавно Обвинителство Беликесир- Турција се информира дека на осомничениот за двојното убиство му е одреден привремен затвор во траење од 40 дена во „Затворена казнено -поправна установа Беликесир“ во Турција.