Првообвинетиот за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежоски, Љупчо Палевски-Палчо пред денешното рочиште побара изземање на тројцата обвинители поради, како што вели, пристрасност и злоупотреба. Тој побарал изземање на Жаклина Крстевска Јосифовски, Ана Стојковиќ Димитриевска и Гаврил Бубевски.
Палевски обвинил дека обвинителите фалсификувале податоци и телефонски анализи со цел да се овозможи лажни сведочења на еден од сведоците.
И минатиот месец, Палевски побара изземање на целото Обвинителство во случајот за убиствата. Во образложението, Палевски пред судот рече дека ниту 420 дена по убиствата, обвинителството не го обезбедило оружјето со кое тие се извршени. Палевски тогаш обвини и дека кај еден од обвинетите Боре Видевски, бил пронајден пиштол што одговара на описот на оној со кој се убиени Вања и Панче, но дека тоа не е приложено во листата на докази на Обвинителството. И одбраната на Палевски тврдеше дека обвинителството води хајка против него.
На изминатото рочиште беше сослушан сведокот Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа, прибавувајќи видео снимки.
Трајковски беше последен сведок на предлог на Обвинителството. Тој требаше да сведочи на почетокот од постапката, кога беа сослушани и другите сведоци, меѓутоа, поради здравствени причини тоа не се случи, а потоа не беше достапен на органите на прогон поради друго кривично дело. На 23 јануари 2025 година се предаде на полицијата и оттогаш е во притвор.
Претходно, Обвинителството презентираше видео материјали на кои беше воочено движењето на возилата со кои била грабната Вања.
За случајот се обвинети Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски кои се произнесоа дека не се чувствуваат виновни.