Палевски пред убиствата предложил референдум за Договорот со Бугарија, Собранието треба да расправа месецов

од Nikola Popovski
413 прегледи

Една недела пред убиството на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес и 12 дена пред киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, осомничениот за двете дела Љупчо Палевски-Палчо поднел до Собранието предлог за референдум во врска со Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија.

Прашањето што Палевски го предлага за референдумот е „Дали сте за договорот склучен на 1 август 2017 година меѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија“. Разгледувањето на предлогот е ставено на дневен ред на собраниска седница што ќе се одржи на 22 декември.

Според законот, за да се распише референдум, треба да се соберат 150.000 потписи, а Договорот меѓу Бугарија и Северна Македонија беше ратификуван во Собранието во јануари 2018 година.

Веќе десет дена откако се дозна името на Палевски, како главен осомничен за двете убиства што ја шокираа Македонија, темата и понатаму е меѓу водечките во телевизиските студија и изданија во земјава, а навлегува и во полето на политиката, па дури и во црквата.

„Палевски беше близок соработник на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, јавно го поддржуваше (Христијан) Мицкоски, но и нивниот коалициски партнер Левица, а неговите радикални ставови беа алатка на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити. Тие заедно беа дел од бурните протести со гилотини и молотови коктели пред парламентот против францускиот предлог“, се огласија со соопштение од СДСМ, во кое го прашуваат претседателот на опозициската партија Христијан Мицкоски за што разговарал со Палевски.

На ова прашање Мицкоски одби да одговори пред медиумите, по лидерската средба за претстојните избори на 4 декември.

ВМРО-ДПМНЕ пак го нападна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски со наводи дека доставил неточни информации поврзани со автомобилот со кој беше киднапирана 14-годишната Вања пред да биде убиена.

Дека Палевски имал контакти и со „одредени личности од црковните кругови кои го поддржувале во неговото зло, му давале клеветнички информации, го поттикнувале на разни начини да прави сатански дела – клевети и омраза“, пишуваа монасите од Бигорскиот манастир при Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА). Според нив, Палчо со години се заканувал и на владиката Партениј и монасите.

Во реакција која е објавена на веб страницата на манастирот, порачуваат дека вината за трагедијата лежи токму во ерозијата на општеството.

-Прашањето за одговорност не треба да ги насочуваме со прст кон никого посебно, туку одговорноста паѓа, повеќе или помалку, врз сите нас. Сите сме одговорни за ерозијата на општеството. Затоа, најдобро е сите да почнеме од поправањето на самите себе, порачаа од монашкото братство.

Спасовски вчера пред медиумите одби да даде повеќе детали за истрагата за да не ја попречува работата на Основното јавно бвинителство. Амбасадата на Македонија во Турција го извести нашето Министерство за правда дека по добивањето на барањето со кое се бара екстрадиција, Палевски се задржува 40 дена во екстрадициски притвор додека тече постапката.

-Амбасадата на Република Северна Македонија во Анкара испрати допис до Министерството за правда во кој  информира дека ни доставува добиена Нота од МНР на Република Турција, како одговор на Нотата доставена од Амбасадата на РСМ во Анкара од 06.12.2023 година, со која информираат дека врз основа на дописот добиен од Канцеларијата на главниот јавен обвинител Баликесир, определен е екстрадициски притвор за Љупчо Палевски, во траење од 40 дена, стои во соопштението.

Слични содржини