Ново рочиште за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски од Велес, со дополнување на доказната постапка. Судот прифати да се прибави снимката од банката во која бил првообвинетиот Љупчо Палевски, дента пред убиството, додека пак барањето за повикување сведоци, односно вештаци кои ја вештачеле чаурата, не е прифатено затоа што не било навремено доставено.
Палевски образложи дека согласно доказот, виш инспекторот и началник во СВР Велес, Стојан Кујанџиоски, кој ги анализирал видеото записите, пред судот ја потврдил точноста на службената белешка бр. 2532 од 7.12.2023. Истакна дека видео-снимките потврдуваат учество на три лица, а не четири, како што тврди Обвинителството.
-При преглед на видео записот е утврдено дека на камерата број 1 и камерата број 3 поставени на објект Хотел Романтик Велес го покриваат регионалниот пат (Стар пат Велес-Скопје), при прегледот на Видео-записите на ден 22.11.2023 година, во 10:35 (реално време 10:15) се забележува патнички автомобил Рено Кангу како се движи во правец Велес-Скопје по регионалниот пат и во внатрешноста на возилото се забележуваат две лица. И на ден 22.11.2023 година, во 10:35 (10:15) се забележува патнички автомобил Цитроен БХ со регистерски број ВЕ2931АД како се движи во правец Велес-Скопје и во внатрешноста на возилото се забележува едно лице, образложи тој.
Според првоосомничениот, ова е доказ кој ОЈО Скопје не го доставило во листата на докази, а доставило други девет.
-Со тоа се потврдува дека во грабнувањето на Панче учествувале три а не четири лица. Исто така не е идентификувано доаѓањето на Кангуто во Велес по регионалиот пат се до 12 часот. Не постои доказ за доаѓање на Кангуто во Велес критичниот ден и точен број на лицата во возилото, а тоа се три лица, тврди Палевски.
Обвинителките наведоа неколку сторени кривични дела, за кои Палевски бил осудуван повеќе пати во период од 20 години. Одбраната тврдеше дека обвинителството нема доволно докази за неговиот клиент и за останатите обвинети за грозоморните убиства.