Палевски: Спасовски и Бубевски сакаат да ме уништат за да ги сокријат сопствените криминали

од Љубиша Владимиров
748 прегледи

Љупчо Палевски – Палчо денеска сведочеше пред Кривичниот суд во Скопје, во рамки на судскиот процес за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, за кој е еден од обвинетите. На рочиштето, тој одговараше на прашања од својот адвокат Јовица Страшевски, при што ги негираше обвинувањата и ги нападна институциите и медиумите.

„Не се чувствувам ниту како монструм, ниту како убиец“, изјави Палевски, коментирајќи ги јавните настапи на МВР и Обвинителството кои, според него, го стигматизирале пред да му се докаже вината.

Тој ја обвини Владата, конкретно министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и шефот на скопското обвинителство, Гаврил Бубевски, дека стојат зад, како што рече, „морален атентат“ против него, за да се одвлече вниманието од наводни случаи на перење пари и други криминални активности.

Во своето сведочење, Палевски тврдеше дека доказите во предметот се прибрани по одржувањето на првата прес-конференција и обвини дека медиумите некритички ги пренеле наративите на обвинителството, нарекувајќи ги „корумпирани и контролирани од банкарскиот сектор и политичките партии“.

Судијата во еден момент мораше да го опомене Палевски поради неговиот речник и обвинувањата упатени кон медиумите присутни во судницата.

„Професијата што седи зад мене функционира крајно непрофесионално“, рече Палевски, повторно обвинувајќи дека бил жртва на медиумска хајка и политичка конструкција.

Рочиштето продолжува, а судскиот процес се наоѓа во фаза на главна расправа. Обвинителството најави дека ќе продолжи со изнесување на докази и сведоци во наредните денови.

Слични содржини