Во Основниот кривичен суд Скопје денеска со изведување на материјални докази продолжи судењето за убиството на Вања и Панче. Во судница беа прикажани видеа каде Обвинителството тврди дека се гледаат обвинетите, вреќа за спиење, кофи, лопати… Првообвинетиот Љупчо Палевски, за денеска презентираните материјали, рече дека се манипулирани и неверодостојни и обвини за наметнување лажни докази.
Не се препознавам на изведените видео-материјали од страна на обвинителството, истакна тој во приговор кон доказите на Обвинитлството на денешното рочиште во Кривичниот суд.
-Овие материјали кои денес беа презентирани, не се веродостојни и се манипулирани, манипулирани се датите, јас во присуство на тројцата сообвинети сум бил прв и последен пат на петти мај, не на 22.11.2023 година. Комоцијата на обвинителството во презентирање и наметнување на лажни докази, како на пример дека на црната јакна се гледа црн микрофон на јакната, во ноќен режим камери, тоа е невозможно. Јавното обвинителство е претворено во медиумски деск. На овие снимки кои се манипулирани и не се веродостојни, јас себеси не се препознавам, вели Палевски.
Како што беше објавено, на видеото се забележува како Палевски и Видевски, но и Манев разговараат на микрофоните од радиостаница односно вршат тестирање дали истите функционираат. Забележливо е и дека Палевски на јакната има закачено микрофон, а истото го имаат и Манев и Видевски, посочо обвинителката при изведувањето на доказите.
Според забелешката на Обвинителството, на едно од видеата Палевски носел јакна што на ракавите има бели траки три, а исто така и обвинетиот Манев бил облечен во тренерка што на ракавите има три бели траки.
-Значајно е бидејќи на минатото рочиште имаше видеа од камерите на Романтик кај Велес, беше забележано дека две лица во возилата – по едно во цитроен и рено кангу, на своите ракави имаа бели траки, беше појаснето од страна на обвинителката.
Според Палевски, со вештачење на биолошки материјали ќе се докаже дека нема негови ДНК траги во возилата.
-Последен пат со обвинетите сум бил на 5 мај, а не на 22 ноември. На снимките себеси не се препознавам. Невозможно е да не оставам траги во „кангуто“, а да оставам дури седум во „ренџ роверот“ со кој одев во Турција, рече Палевски.
Тој најави нови докази кои ги добил од свиркач од МВР, кој, според неговите зборови „наместо да биде награден е избркан од работа“.
-И токму затоа пристигнаа нови докази за учеството на МВР и на ЈО дека од првиот ден, од 5 декември 2023 година се во тек со оружјето, кажал Палевски.
На изминатите рочишта сведочеа најблиските од семејството на Вања и на Панче, и полициски службеници, вклучени во истрагата. Еден од сведоците, Гоце Трајковски е во бегство, откако полицијата го сомничи за подметнување пожар во кафуле во Кисела Вода. Неколку пати не се појави на судските рочишта, иако неговата мајка го оправдала отсуството поради здравствени проблеми.
На минатите рочишта сведочеа мајката на Вања, ќерката на Жежовски и нејзиниот сопруг, како и повеќе лица вклучени во истрагата за двете убиства, меѓу кои инспектори и членови на политичката партија „Десна“.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче се обвинети четворица извршители – Љупчо Палевски како првообвинет, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Боре Видевски, а таткото на Вања, Александар Ѓорчевски е обвинет за помагање во грабнувањето на неговата ќерка. Сите обвинети се изјаснија дека се невини.
Случајот го води судијата Ивица Стефановски, а застапник на обвинението е обвинителката Жаклина Крстевска Јосифовска.