Палмер: ЕУ испраќа јасен и недвосмислен сигнал до Западен Балкан дека патот е отворен

од Берта Китинска
277 прегледи

Спроведувањето на Договорот од Преспа е клучно за напредокот на Северна Македонија кон членство во Европската Унија и овие работи се испреплетени и меѓусебно се поддржуваат и зајакнуваат, рекол заменик-помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија Метју Палмер за време на настан организиран во Атина од „Делфи економскиот форум“.

Во однос на процесот на проширување на ЕУ и дали очекува позитивен одговор во брзо време, Палмер, вели дека останува на ставот дека недонесувањето на одлука од октомври минатата година е историска грешка.

– Добрата вест е дека постои можност да се исправи таа грешка во март на состанокот на Европскиот совет подоцна овој месец. Многу би сакале да видиме позитивна одлука од Европскиот совет за отворање на пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Сметаме дека и двете земји го заслужуваат тоа. Последниот извештај на Европската комисија беше многу позитивен и јасно укажува дека е стратешки важно за ЕУ да даде зелено светли за Скопје и Тирана. Важно е дека ЕУ испраќа јасен и недвосмислен сигнал до Западен Балкан дека патот кон ЕУ е отворен. Дека постои перспектива за евентуално членство за Западен Балкан. И Албанија и Северна Македонија се местото од каде треба да се почне, вели Палмер „во разговор“ со Нектариа Стамоули во кој учествувал и американскиот амабсадор во Грција Џефри Пјат, пренесува амбасадата на САД во Грција.

Во однос на претстојните избори и дали доколку победи ВМРО-ДПМНЕ постои можност Договорот од Преспа да биде миниран, Палмер, вели дека спроведувањето на Договорот е клучено за напредокот на Северна Македонија кон ЕУ членство.

– Не би сакал да предвидувам какви би биле политиките на ВМРО-ДПМНЕ доколку дојдат на власт. Можам да кажам што ќе направат САД, а тоа е реафирмација и потврдување по изборите на 12 април во Северна Македонија на нашата континуирана поддршка за Договорот од Преспа, на спроведувањето на Договорот и на патот напред на Северна Македонија кон членство во Европската Унија, изјави Палмер.

Спроведувањето на Договорот од Преспа, посочува Палмер, е клучно за напредокот на Северна Македонија кон членство во ЕУ и овие работи се испреплетени и меѓусебно се поддржуваат и зајакнуваат.

– Исто така, очекуваме Северна Македонија да оди напред по патеката на НАТО. Мислам дека тука можеме да очекуваме многу побрз напредок. Очекувам Шпанија да продолжи со ова во текот на следните неколку недели и дека во блиска иднина ќе го прославиме членството на Северна Македонија во НАТО како 30-та земја членка на Алијансата. Тоа ќе биде одличен ден, нешто за што работевме многу години, изјави Палмер.

Слични содржини