Во пријавата, Панчевски наведува дека ги исполнува сите општи и посебни услови предвидени со закон за извршување на функцијата државен јавен обвинител, која до неодамна ја извршуваше Љупчо Коцевски.
Коцевски во декември поднесе оставка, непосредно пред Собранието да започне постапка за негово разрешување, по подолг период на јавни критики за неговата работа од страна на премиерот Христијан Мицкоски. До изборот на нов државен јавен обвинител, за вршител на должноста е назначена Анита Тополова-Исајловска, досегашна заменичка на Коцевски.
Досега, единствено уште поранешниот шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, Мустафа Хајрулахи, јавно најави кандидатура за највисоката обвинителска функција во државата.
Собранието на 12 јануари распиша оглас за избор на нов државен јавен обвинител, со што официјално започна постапката. Рокот за пријавување е 15 дена од денот на објавувањето на огласот во „Службен весник“.
Според законските услови, кандидатите мора да имаат најмалку 10 години непрекинат работен стаж како јавни обвинители или судии од областа на кривичното право.