Пандев до Ериксен: Те чекаме уште посилен на теренот, сите сме со тебе (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
310 прегледи

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев во име на целиот тим, му посака успешно закрепнување на данскиот фудбалер, Кристијан Ериксен.

Фудбалската федерација на Данска објави видео со пораки кои стигнуваа од сите страни, една од нив беше од Горан Пандев.

„Здраво Кристијан. Поздрав од мене и моите колеги, сите ти посакуваме што побрзо закрепнување. Те чекаме уште посилен на теренот. Сите сме со тебе. Форца Кристијан!“, посочи Пандев.

Кристијан Ериксен денес за првпат се јави во јавноста по страшната случка на стадионот „Паркен“ во Копенхаген каде за малку ќе го загубеше животот.

Тој се уште се наоѓа во болница во Копенхаген, од каде на својот профил на инстаграм испрати фотографија и порака со благодарност за поддршката што ја доби од целиот свет во изминатите два дена.

„Поздрав до сите… Голема благодарност за вашите неверојатни поздрави и пораки што ги добив од целиот свет. Ми значи многу, на мене и на моето семејство. Се чувствувам добро – со оглед на околностите. Се уште мора да ми бидат извршени уште некои испитувања, но се чувствувам ОК. Сега, ќе навивам за момците од данската репрезентација на следните натпревари. Се најдобро, Кристијан“, напиша Ериксен.

Слични содржини