Директорот на управата за извршување на санкции, Александар Пандов информира дека во моментов околу 200 затвореници се евидентирани дека се во бегство. На прашањето дали постои гаранција дека ќе се вратат затворениците на кои тој им одобрил прекин на издржување на казната, помеѓу кои имаше и осуденици од „27 април“, одговори дека нема гаранција и доколку не се вратат – се во бегство.
„Повеќето од нив веќе ја завршија прекините и се вратија во затворите. Значителен дел од нив во меѓувреме побараа од судовите подолги паузи. Најпознатото име за кое имаше прекин е поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков. Во меѓувреме, господинот Чавков, како што сум информиран од затворот, добил прекин од три месеци, па таа завршува во ноември. И други лица осудени за 27 април имаат добиено од судовите повторно прекини, некој на месец, некој на два. Гаранција не постои, како за секој кој што со закон ќе биде пратен на 30-45 или 60 дена, кога ќе го пуштиме на викенд, ако не е вратен, тоа значи дека е во бегство. Потоа ние веднаш го информираме Министерството за внатрешни работи и тој осуденик се води како во бегство, појаснил Пандов во интервју за МИА.
Од десетина лица осудени за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, кои во јули-август користеа 30 дневен отпуст поради здравствени причини, петмина побарале судски прекин на издржување на казните. Тројца од нив добиле прекин во траење од еден месец.
Во врска со упадот во Собранието, во затвор се 16 лица, правосилно осудени на казни од 7 до 16 години затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Највисока казна од 16 години доби Митко Чавков, поранешен директор на Бирото за јавна безбедност(БЈБ), кој тогаш имаше „златна команда“ за протестите пред Собранието.