
Александар Пандов за Фокус тврди дека ГДОМ не организира никаков контрапротест на 16 октомври, откако на социјалните мрежи се појавија информации дека претстојниот викенд е можно да има организирано собирање во Скопје, како реакција на опозицискиот марш закажан за утре.
На социјалните мрежи се споделува фотографија од смс-порака со барање за присуство на настан, за кој е обезбеден превоз и за кој се прават списоци по месни комитети. Протестот, неофицијално, би бил против федерализација, за што ќе ја обвинат опозицијата и нејзиниот лидер Зоран Заев.
– Не гледам причина зошто би организирале контрапротест на протестот на опозицијата на 11 Октомври. Колку што разбрав, ним им треба да се соберат и да покажат колку се силни сега пред избори. Таман работа тоа да биде повод или мотив за каков било протест или контрапротест. ГДОМ секоја недела организира поголеми собири низ повеќе градови, така ќе биде и оваа недела, но тие не се поттикнати од протестот на опозицијата – изјавил Пандов за Фокус.
Тој не ја исклучил можноста да се случи голем протест, ако опозицијата продолжи да заговара федерализација на Македонија.
– Ако утре било кој истакнат член на СДСМ, или некој медиумски моќник заговара федерализација логично е секој Македонец да се спротивстави на таквите заговори. Во тој случај и нема да биде потребно граѓаните некој да ги организира, туку тие сами ќе излезат во одбрана на земјата. И во таков злучај нема да чекаме до 16 октомври или до некој одреден датум, тогаш веднаш би реагирале – рекол Пандов.