Директорот на Управата за извршување санкции, Александар Пандов вчера изјави дека мобилниот телефон Васил Јованов го набавил од друг притвореник од соседна ќелија, благодарение на затворски полицаец, кој го овозможил тоа. Како што информира, за тоа се исплатени 250 евра, но, надвор од затворот.
-Сознанието е дека убиецот на Фросина телефонот го обезбедува од друго притворено лице од соседна ќелија, благодарение на затворски полицаец кој што од едната ќелија носи кутија со колачи во собава каде што се наоѓа Васил Јованов. За тоа е направено плаќање од 250 евра надвор на братов на лицето кое што му го обезбедило телефонот. Тие телефони се одземени, изјави Пандов за Канал 5.
Директорот на Управата додаде дека против лицето е поднесена претставка и истото ќе биде суспендирано.
-Во моментов е еден, меѓутоа не е еден, јас сум сигурен дека повеќе се вклучени во овој синџир, нагласи тој.
Таткото на Фросина, Тодор Кулаков во име на семејството, преку својот ФБ профил му се заблагодари на Пандов.
„Како семејство се чувствуваме должни да изразиме јавно благодарност што ни ја враќаш вербата дека државата конечно ќе почне да функционира, односно дека веќе функционира. Дека злосторниците, убијците ќе го добијат третманот кој им следи, со што ни дава верба дека и судскиот епилог и казните кои ќе ги добијат, ќе бидат адекватни. Уште еднаш огромна благодарност до тебе, до директорот на Шутка и до целиот твој тим – од цело семејство, пријатели и колеги на Фросинче“, напиша нејзиниот татко.
20-годишниот Васил Јованов со брзина од 130 километри на час, во алкохолизирана состојба удрил во 22-годишната Фросина Кулакова. Тој не поседувал возачка дозвола, а неговото полициско досие открива дека во минатото е сторител на неколку кривични дела. Недозволена трговија со дрога, нарушување на јавниот ред и мир, насилство и сторител на повеќе сообраќајни прекршоци за што бил упатен во казнено поправен дом.
Вчера масовен протест во Скопје против недоследностите на системот откако беше прегазена 22 годишната неготинка на булеварот Партизанска. Побараа правда и безбедност. Барањата се јасни, лутина кон подмитениот систем, корумпираното судство и привилегираната неказнивост.
Немаат милост кон младиот Васил кој ја прегази кобната ноќ. Ја бараат заслужената казна, особено лути по сознанијата дека ова не му било прв прекршок. Пред неколку година, повредил пешак, а осуден е за поседување дрога.
Младата Фросина Кулакова ќе остане потсетник, што државата може да преземе за да се избегнат вакви трагедии со смртни последици. Пораки за правда. Клучното барање е безбедност за сите учесници во сообраќајот. Скршен од болка, но внимателен во изборот на зборови, таткото на Фросина говореше гласно, но затрепери кога го изговори нејзиното име.
Протестот продолжи пред Основното јавно обвинителство.
По два часа марширање, завршија пред Кривичниот суд, како што велат, затворајќи го кругот на одговорни на системските пропусти.