Независниот синдикат на полицијата вложува јавна реакција на прес конференцијата на Директорот на управата за извршување на санкции Александар Пандов во врска со настаните од КПД Затвор Штип.
-Во споменатата прес конференција Директорот на ја објавува реалната состојба туку прави шоу за граѓаните со цел омаловажување и дискредитирање на колегите. Сметаме дека секој настан треба да биде истражен професионално и со должно внимание и да се избегнува јавна осуда пред да биде завршена постапката, а до нас доаѓаат информации од колегите дека изнесените ставови на Директорот во целост не соодветствуваат со истрагата и евидентираните преземени мерки во дневниот извештај, велат од Синдикатот.
Бараат од директорот и до сите останати функционери кој периодов ја коментираат работата на полицијата во иднина кога објавуваат или коментираат работа на полициските службеници тоа да го прават со внимание по завршувањето на постапките во целост.
Вработени во КПД Затвор – Штип со различна верзија на настаните со топката со дрогата и кучката Цеца. Во демантот, вработените остро ја отфрлаат верзијата на настаните што ја презентираа директорите, нарекувајќи ја „невистинита, иронична и со циничен тон“. Според нив, јавноста била манипулирана со неточни податоци, додека реалната слика за настаните во установата била намерно сокриена.
-Во текот на ноќните часови потрагата заврши без успех, но во текот на утринските часови со самото разденување повторно е направен обид да се пронајдат предметите при што успешно е пронајдено најлонска ќеса во која ќеса е пронајдена и сомнителната прашкаста и тревкаста материја. По нејзиното пронаоѓање превземени се сите оперативно протоколарни дејствија, известен е директорот на установата, пријавен е настанот во полиција, инспектори од СВР –Штип и крим полиција пристигнаа во затворот и пронајденото е предадено за понатамошно постапување. Евидентно е целосното постапување и превземените конкретни чекори во самиот дневен извештај на затворската полиција, а со сигурност го има и во полицискиот билтен, стои во демантот на затворските полицајци.
Тие категорично отфрлаат дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на законот или во корист на осудено лице, како што беше имплицирано на прес-конференцијата.
Скандалот со топката со дрога во Штип го снимиле надзорните камери, кажа Пандов пред два дена на прес-конференција. Околу 21 часот вечерта, две лица со возило ги минале капиите на затворот и не биле евидентирани од полициските службеници. Преку оградата префрлиле топка во која имало кокаин и марихуана и по телефон го известиле затвореникот пратката да ја бара во дворот. Додека пребарувал, бил пресретнат од четворица полицајци на кои им кажал дека кучката му го зела часовникот, па заедно тргнале да го бараат.
Дрогата спакувана во топка била пронајдена утредента и предадена на полицијата, а идентификувани се и лицата коишто однадвор ја испорачале. За полициските службеници била поднесена дисциплинска постапка, но комисијата утврдила дека сепак не погрешиле во постапувањето. За овој случај е поднесена кривична пријава во Обвинителството.
Од Управата бараат случајот да добие правен епилог, затоа што како што посочи Пандов, пенитенцијарниот е исклучително корумпиран систем, а во некои затвори повеќе од 50 насто од вработените се вмешани во корупција.