Панел-дискусија: Новиот Кривичен законик – нова шминка или вистинска реформа!?

Што може да очекуваме од новите измени на Кривичниот законик поднесени до Собранието, беше дебатирано на панел-дискусијата организирана од БЦКП „Солуција“.

од Vladimir Zorba
13 прегледи Фото: Солуција

Што може да очекуваме од новите законски измени на Кривичниот законик (КЗ), дали тие ќе донесат поголема правда и казнивост за функционерите што ја злоупотребиле својата позиција или пак ќе бидат уште поблаги во однос на претходните регулативи, и дали премногу се чекаше и тактизираше со исправање на катастрофалната грешка од 2023 кога се донесоа скандалозните измени на КЗ за време на владата на Димитар Ковачевски – ова беа клучните прашања и дилеми на коишто денеска се обидоа да дадат одговор учесниците на панел – дискусијата организирана од страна на Балканскиот центар за конструктивни политики „Солуција“.

„Имавме и изјави од политички лидери дека измените на КЗ од 2023 биле грешка, ама долго време немаше акција ниту од Владата, ниту Собранието за поправка и нови измени. Потребен е политички и општествен консензус дека новите измени навистина ќе бидат и во насока на европските стандарди и во насока на обезбедување одговорност и владеење на правото.“, истакна евроамбасадорот во земјава Михалис Рокас, во својот поздравен говор на настанот насловен „Чекајќи го Годо… и правдата: Очекувања од новите измени на Кривичниот законик“.

Според Рокас, нема да најдеме ниту еден граѓанин кој смета дека треба да има неказнивност, ќе најдете поединци, но граѓаните бараат правда и ред. „Ќе го следиме процесот и самите измени“, порача тој.

Толку очекуваните измени на КЗ со коишто треба да се поправи штетата направена со претходно донесените измени во 2023 година, деновиве се поднесени до Собранието, но предизвикаа бранување во политичките кругови, како и во експертската јавност. Од власта велат рекоа дека сега предложените измени на КЗ се преодно решение, произлезено од одлуката на Уставниот суд од февруари годинава, со која на Собранието му беше наложено до крајот на годината да го измени законот. Според пратениците на ВМРО-ДПМНЕ коишто ги поднесоа измените на КЗ, се враќаат старите механизми и се предвидуваат повисоки казни. Но, од стручната јавност предупредуваат дека новата казнена политика е сепак поблага во однос на законското решение што важеше пред 2023.

„Во февруари годинава бевме одговорни кога му наложивме на Собранието во рок од шест месеци да ги направи неопходните измени на КЗ и да се усогласи со аргументите на Уставниот суд. Применивме новина – интерпретативна одлука, со која го толкувавме Уставот во однос на измените и утврдивме сомнеж и во формалната и во материјалната уставност“, рече претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски.

Костадиновски додаде и дека сите државни органи мора да се научат на уставна дисциплина, а измените на КЗ во 2023 биле донесени по итна постапка, со европско знаменце, а без посочување на ниту една европска регулатива и без стручна и политичка дебата.

„Тие измени на КЗ се потврда на апсурдноста и бесмисленоста на чекањето да дојде конечно владеењето на правото, како што всушност сугерира и одличниот наслов на оваа дебата. Ние сме гладни да видиме одговорност, ние имаме суфицит на неказнивост и дефицит на одговорност, а некој како да сака да нѐ убеди дека тоа е нешто нормално. Парламентот постапи во согласност со нашата одлука, предложените измени сега се ставени во редовна постапка, ќе треба да ја слушнеме експертската јавност да се произнесе и да видиме дали пратениците повторно ќе штитат некого или ќе ги артикулираат интересите на граѓаните “, истакна Костадиновски.

Универзитетскиот професор Денис Прешова рече дека делумно се согласува со претседателот на Уставниот суд, и дека Судот требало поинаку, уште похрабро да постапи, односно да донесе поништувачка одлука во врска со измените на КЗ од 2023.

„Решението на Судот веќе јасно ги детектира неуставностите, особено од формален аспект. Затоа сметам дека требаше да се донесе поништувачка одлука која ќе ги врати старите одредби и ќе ги анулира правните последици од измените“, истакна тој.

Прешова укажа на примери од европската пракса, како Чешка, Летонија и Словачка, каде уставните судови поради сериозни прекршувања на законодавната процедура донесуваат одлуки со ретроактивно дејство.

„Ако тоа важи за амнестии, уште повеќе важи за измените на Кривичниот закон“, нагласи тој, додавајќи дека одолговлекувањето и продолжувањето на роковите го ставиле Уставниот суд во „сива зона“, што, според него е проблематично.

Тој додаде дека иако самиот неретко го критикува Уставниот суд поради конзервативноста и нереформирањето, сепак во последно време приметува проактивен став и дека во тие напори Судот мора да биде поддржан, со цел изградба на уставна култура во општеството.

Инаку, критичарите на најновите измени на КЗ поднесени до парламентот, изјавуваа деновиве дека тие се подеднакво лоши, ако не и полоши од претходните. Обвинителката Ленче Ристоска, којашто беше присутна на дебатата, ги повтори своите ставови дека новите измени декриминализираат веќе криминализирани поведенија.

„Предвидено е да се санкционираат само конкретни дејствија во постапките за јавни набавки, со што сите други повреди се легализираат и се отвора простор за системска неказнивост токму таму каде што злоупотребите се најчести. Уште поалармантно е што со измените на член 353-в се брише одговорноста на службените лица од органите на државната управа, што во пракса значи легализација на повредите кои овие лица ги извршиле. Па во овој контекст, би го прашала претседателот на Уставниот суд, како би постапил доколку Собранието ги донесе измените вакви какви што се предложени. Дали Судот има некаков план, оти мене ми се чини дека намерата на предлагачот на измените не е искрена, туку само формално да се задоволи барањето на Уставниот суд да се поднесат измени во дадениот рок?“, рече Ристоска.

Претседателот на Уставниот суд, Костадиновски, на ова одговори дека планот на уставните судии е да постапуваат според нивната одлука.
„Во нашето решение се осврнавме и на материјалната неуставност. Нема да ги коментирам сегашните предлози, не смеам да коментирам норми што не се дел од жива правна материја. Но, секако овој период не е завршен. Ќе ги чекаме законските измени и на седница на Судот ќе бидат разгледани и материјално и нормативно“, рече Костадиновски.