Панел-дискусија по повод 5. мај: Македонскиот јазик е троскот, пиреј со цврсти и длабоки корени

од Nikola Popovski
193 прегледи

По повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, денеска во Националната опера и балет, во организација на Министерството за култура, се одржа панел-дискусија за афирмацијата на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо.

На панел-дискусијата, што ја водеше Ана Јовковска, низ квалитетен и разновиден разговор, стана збор за повеќе теми поврзани со заштитата и афирмацијата на јазикот, за Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, за опстојувањето на македонскиот јазик до неговото стандардизирање во 1945 година, за јазикот низ новите медиуми, односно на социјалните мрежи, како да ја зачуваме јазичната, а наедно и културната разновидност низ историјата преку процесот на дигитализација како одговор на модерните времиња и друго.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, честитајќи го Денот на македонскиот јазик, упати благодарност и почит кон сите што учествуваа во изготвувањето на новиот Закон за употребата на македонскиот јазик, чиј предлог пред неколку денови е усвоен од Владата.

„Да нагласам, овој предлог не е резултат на политички диктат зашто, како што говореше големиот Конески, нашиот јазик не е ни создаван под некаков диктат. Новиот Закон е одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на сопствениот, македонски јазик и на неговото кирилско писмо“, рече Костадиновска-Стојчевска.

Заменик-претседателот на Владата за европски прашања, Бојан Маричиќ, запрашан како од денешна перспектива ја толкува познатата сентенца на Блаже Конески: „Јазикот ни е нашата единствена неподелена татковина“, рече дека оваа мисла е трајна порака на Конески, која го отсликува контекстот кога е изречена и сиот товар на македонскиот јазик низ историјата.

Маричиќ додаде дека јазикот низ историјата бил константа, а денешниот контекст на оваа изјава на Конески е поважен, особено тоа се однесува на образовните институции и, секако, на сите други. Тој додаде дека македонскиот јазик е високо во политичката агенда на Владата, а е вметнат и во преговарачката рамка со ЕУ како јазик на кој се склучуваат договорите со ЕУ, меѓу кои е и договорот „Фронтекс“.

„Треба да се бориме за јазикот бидејќи така ќе го зачуваме како нашата татковина. Ако сакаме татковината да ни биде жива, и јазикот мора да биде жив и да се употребува“, порача Маричиќ.

Амбасадорот на Европската Унија во нашата држава, Дејвид Гир, на македонски јазик упати честитки по повод Денот на македонски јазик. Евроамбасадорот истакна дека јазикот е навистина интимна работа за секој народ, кој во себе има елементи на она што сме, нашата историја, искуство, а јазикот и образованието се срцето на идентитетот. Тој додаде дека во ЕУ има 24 официјални јазици кои се признаени и, се разбира, други јазици кои се негуваат и кои се дел од колективниот идентитет на ЕУ. Гир посочи дека кога и нашата земја ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик, како што кажа Гир, ќе стане и официјален јазик на ЕУ, дел од семејството на јазици на ЕУ.

Гир ја нагласи и поддршката од ЕУ за промоција на македонскиот јазик, како и поддршката на 400 книжевни преводи на европски автори на македонски јазик, наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ и други кампањи за афирмација на македонскиот јазик.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, меѓу другото, се осврна на проектот за целосна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик, преку кој, како што кажа, во една година се заштитија 5 милиони ливчиња пишувани рачно, на машина за пишување, со индиго, со шапирограф, а во поново време на компјутер.

„Познавачите велат дека материјалите се заштитени и зачувани за следните 500 години. Овие материјали се одлична основа за брза и квалитетна изработка на корпус на македонскиот јазик, за изработка на разни речници, меѓу кои и на етимолошки речник што почна да се изработува во Институтот за македонски јазик. Од овие картотеки се објавија повеќе речници, меѓу нив Толковниот речник на македонскиот јазик и двата тома од Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. Преку дигитализацијата е заштитена и валоризирана работата на научниот кадар во Институтот за македонски јазик во минатите 70 години“, рече Јованова-Грујовска.

На прашањето што можеме да научиме од историјата за нашиот јазик, Јованова-Грујовска истакна дека историјата на македонскиот јазик од IX век до денес е историја на континуитет, цврстина, издржливост и перспектива.

„Македонскиот јазик е троскот, пиреј (што би рекол Петре М. Андреевски) со цврсти и длабоки корени. Во светот постојат над 6 500 јазици, а од нив само неколку стотини се литературни. Од 1945 година и македонскиот јазик е меѓу избраните, меѓу малобројните литературни јазици. Само јазик пиреј со здрави корени можел да ги издржи вековните лоши ветришта и да се издигне на рамниште на литературен јазик“, рече таа.

Слични содржини