Британскиот таблоид „Дејли Мејл“ денеска ја објави веста, која подоцна ја презедоа повеќе медиуми, за „масовното пукање во хотелот Хајат“ во Бафало, Њујорк „во кое беа повредени најмалку 20 лица“. Ниту еден американски медиум не објави информација за овој настан, додека на Твитер сите се повикаа на написот на британскиот медиум.
На крајот се покажа дека се работи за лажна тревога.
Имено, по првите информации за наводното масовно пукање, „Дејли Мејл“ го ажурира текстот и напиша дека полицијата во Бафало денеска била повикана на дојава за масовно пукање во хотелот „Хајат“, кое подоцна се покажало дека е лажно.
Медиумите објавија дека дојавата предизвикала паника кај припадниците на итната помош и полицијата, кои излегле на местото на настанот нешто пред 8 часот. Во хотелот бил повикан и тим на SWAT.
Сепак, персоналот на хотелот за „Дејли Меил“ изјавил дека извештајот е „погрешен“ и дека никој не е повреден.
Не се знае од каде доаѓа оваа лажна пријава и дали полицијата има намера да го истражи случајот.
Полицијата во Бафало сè уште не излезе со соопштение.