Паника во Русија поради падот на рубљата? Путин ги смирува граѓаните

од Vladimir Zorba
43 прегледи

Руските власти се обидуваат да ја запрат паниката предизвикана од овонеделната остра девалвација на рубљата. На 27 ноември централната банка интервенираше за да го запре намалувањето.

Еден долар на 27 ноември изнесуваше 114 рубљи, што е најниска вредност на руската валута од март 2022 година, односно од почетокот на руската агресија врз Украина.

Централната банка најави и дека до крајот на оваа година ќе престане да купува девизи на домашниот пазар со цел да се намали нестабилноста на финансискиот пазар. Ден по интервенцијата, еден долар изнесуваше 110 рубли.

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека нема потреба од паника поради поевтинувањето на домашната валута и дека на промената на нејзината вредност влијаеле буџетските трошења и сезонските промени. Според него, ситуацијата е под контрола и нема апсолутно никаква причина за паника.

„Што се однесува до промената на курсот на рубљата, таа не е поврзана само со инфлаторните процеси, туку и со буџетот и цените на нафтата. Има многу фактори од сезонска природа“, рече Путин.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков тврди дека ваквата ситуација нема да влијае на населението кое платата ја зема во рубљи. Сепак, некои сметаат дека слабеењето на валутата е показател за брзото влошување на економската ситуација во земјата, пишува CNBC.

Слични содржини