Четврти ден од борбите во областа Курск во Русија. Русија ги обвини украинските војници дека во вторникот ја преминале границата во областа и започнале масовна офанзива. Вчера вечерта беше прогласена и вонредна состојба во Курск. Од друга страна, по Запорожје во Украина, опасноста демнее врз уште една нуклеарна централа во регионот, овојпат на руска територија. Откако Киев секавично ја нападна областа, 60 километри источно од украинската граница, руските безбедносни сили ја зголемија заштитата на нуклеарката. Од новото воено жариште, руското население се евакуира кон внатрешноста на земјата.
Експертите со свој став за овој „блицкриг“ на украинските сили. Нападот има за цел да ги тестира и ослаби руските одбранбени линии, да создаде паника меѓу населението и да ги принуди руските воени сили да прераспределат ресурси и внимание од фронтот во Украина кон нивната домашна територија, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот за безбедносна политика, Пецо Трајкоски од НВО – Центар за стратегиски истражувања и анализи.
Тврди дека украинските сили го користат нападот како диверзија за да го одвлечат вниманието на руските сили и да ги ослабат нивните позиции на други фронтови.
-Овој напад има и психолошки ефект, со цел да се покаже ранливост на руската територија и да се намали моралот на руските граѓани и војници. Исто така, со извршување на успешни напади на руска територија, Украина се обидува да ја зајакне својата преговарачка позиција и да го зголеми притисокот врз Москва за постигнување на дипломатско решение. Оваа стратегија има повеќеслојна цел да ги ослаби руските одбранбени капацитети и да создаде услови за подобра позиција во евентуални преговори, посочува аналитичарот.
Оценува дека можноста за нуклеарна „размена“ е малку веројатна, иако заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Димитриј Медведев навестува одмазда и употреба на нуклеарно оружје како одговор на нападот на регионот Курск.
-Неговите изјави се повеќе средство за заплашување и политички притисок, а не како вистински планови за акција како што видовме до сега. Употребата на нуклеарно оружје би имала катастрофални последици за двете страни и за глобалната безбедност, што ги прави таквите закани повеќе реторички отколку реални, истакнува Трајкоски.
Смета дека стратешката цел на Украинците со оваа офанзива не е директно насочена кон контролата на нуклеарната централа Курск, туку повеќе се фокусира на создавање притисок врз руските сили и демонстрација на нивната способност за напади длабоко во руската територија.
-Нападот на регионот Курск има за цел да предизвика паника и несигурност меѓу руското население и да ги принуди руските воени сили да ги прераспределат своите ресурси, што може да ги ослаби нивните позиции на други фронтови во Украина. Контролата на нуклеарната централа Курск, иако би претставувала значителен стратегиски успех, не е примарната цел, дециден е соговорникот.
Трајкоски потенцира дека оваа демонстрација на сила може да ги принуди руските власти да ги преразгледаат своите стратегии и да бидат подготвени за преговори за да избегнат понатамошна ескалација и нестабилност во нивната територија .
-Второ, создавањето на паника и несигурност меѓу руското население може да го намали моралот и поддршката за продолжување на војната. Трето, со покажување на способноста за извршување на напади на руска територија, Украина може да покаже дека не е само пасивен учесник во конфликтот, туку и активен играч кој може да предизвика значителна штета на руска страна, што ја зголемува нивната преговарачка моќ и можностите за добивање на поповолни услови во преговорите, заклучува аналитичарот.
Додека нападот за рускиот претседател Владимир Путин е чиста провокација која е запрена, украинскиот Володимир Зеленски смета дека со притисокот, Русија ќе ги прифати мировните услови. Ставот се поистоветува со официјален Брисел. Москва планира проширување на специјалната операција.
Русија во петокот ги евакуираше луѓето од деловите на нејзиниот западен регион Липецк по „масовниот напад“ од украински беспилотни летала, што предизвика експлозии, прекин на струја и шест повредени лица, изјави регионалниот гувернер Игор Артамонов.
-Четири села се евакуирани откако беше прогласена вонредна состојба во областа Липецк, објавил Артамонов на „Телеграм“, а некои од нив се наоѓаат во близина на воздухопловната база.
Пожар избувнал во воздухопловна база надвор од градот Липецк, објави новинската агенција Интерфакс, цитирајќи локални службеници за вонредни состојби.
-Повиците на социјалните мрежи за евакуација на целиот град беа дел од кампањата за психолошка војна на Украина, додал Артамонов.
Украинските власти не пријавиле никакви напади во областа Липецк.
Н.П.