Русија и Украина продолжуваат да се обвинуваат за ракетирање на нуклеарната централа во Запорожје, а на социјалните мрежи се шири видео од најголемата електрана во Европа.
На видеото се гледа облак од чад кој доаѓа од правец на електраната, според очевидци.
„Ројтерс“ пишува дека поради тоа генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, предложил електраната во Запорожје да прогласи дел од областа околу неа за демилитаризирана зона.
Енергоатом, украинската агенција која управува со четирите нуклеарни централи во земјата, во четвртокот соопшти дека нуклеарната централа Запорожје била нападната пет пати и дека некои од ракетите паднале во близина на просториите каде што се складира радиоактивен отпад.
Руската новинска агенција ТАСС јавува дека официјални лица назначени од Русија изјавиле дека Украина истрелала два проектила кон електраната и го попречила предавањето на смената.
Катастрофа слична на Чернобил
Во четвртокот Гутереш ги повика двете земји да престанат да ја напаѓаат фабриката.
„Тој објект не смее да се користи за воени цели. Мора итно да се воспостави демилитаризирана зона за да се обезбеди областа околу електраната“, рече генералниот секретар на ОН.
Во март Русија ја зазеде електраната во Запорожје. Руските сили сè уште ја држат, а таму работат украински експерти.
Соединетите Држави го поддржаа предлогот областа околу централата да се прогласи за демилитаризирана зона и претставниците на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) да ја посетат нуклеарната централа.
Василиј Небензија, рускиот претставник во Обединетите нации, рече дека на светот „му се заканува нуклеарна катастрофа слична на Чернобил“ и дека претставници на МААЕ би можеле да дојдат во електраната Запорожје во текот на август.
Украинскиот претседател Владимир Зеленски бара Русија да ѝ ја предаде електраната на Украина.