„Почнуваат да се собираат луѓе во затворен простор низ светов. Досега изненадувачки и оптимистички е дека не се јавува зголемување на заразени, исто и кај нас. Бројот постојано паѓа, иако гледам дека не се почитуваат многу мерките. Значи има некој колективен имунитет“, вели епидемиологот Никола Пановски за емисијата „Студио 10“.
Освен тоа, Пановски смета дека и топлото време има свој удел, со оглед на тоа дека луѓето се почесто се собираат на отворен простор.
„Јас сум изненаден колку брзо третиот бран отиде надолу. За жал, бројот на починати цел месец и пол после падот на новозаразените, споро паѓа, односно тој паѓа 2 до 3 пати, за разлика од новоинфицираните. Се надевам дека бројката на смртни случаи веќе никогаш нема да биде двоцифрена“, додава тој.
Пановски посочува дека ризик се уште се јавниот превоз и лицата кои што работат со странки.
„Друго објаснување освен колективниот имунитет не можам да најдам. Сметам дека меѓу 60 и 70 проценти, а меѓу младите и повеќе, имале контакт со коронавирусот, некои прележале, некои криеле за да не се тестираат“, истакнува докторот.