Пановски предупредува: Скопје веќе 20 дена е „елдорадо“ за глувците, за еден месец од секое животно ќе излезат по 10 младенчиња

„Глодарите храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома“, апелира Пановски

од Nikola Popovski
26 прегледи Фото: Принтскрин

Микробиологот и поранешен советник во Советот на Град Скопје, Никола Пановски се огласи за проблемот со собирањето на сметот од контејнерите низ Скопје и нефункционалноста на ЈП „Комунална хигиена“. Пановски потсетува дека вториот круг, заедно со рокот на жалби и предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9.11.2025.

-За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за еден месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома, предупредува д-р Пановски.

Микробиологот апелира до Владата да прогласи вонредна состојба и веднаш да почне да се чисти сметот.

-МЗ, Центар за јавно здравје, Институт за јавно здравје, Агенција за храна и ветеринарство, што правите, па вие сте платени да апелирате, да наредувате, да превенирате, не е тоа моја работа. Десетици платени специјалисти по хигиена, епидемиологија, микробиологија, ветеринари, каде сте? Воопшто не е важно дали сега е опортуно да молчите, да чекаме да се исполни ветувањето за 72 часа, аман веќе, побарајте итна акција од Владата, ако не ве слушаат излезете на улица, истакнува Пановски во својата објава на социјалните мрежи.

Владата нареди инспекциски надзор и итна истрага на Комунална хигиена. Обвинителството веќе собира докази, а во ЗЕЛС денеска е закажан итен состанок на градоначалниците на скопските општини за наредните чекори што би требало да ги преземат.