Пјонгјанг го опиша јужнокорејскиот претседател Мун Џае-Ин како „папагал одгледан од Америка“ откако тој го критикуваше ракетниот тест што Северна Кореја го изврши минатата недела.
Мун рече дека ваквите постапки „го оптоваруваат расположението за дијалог“ и дека се непожелни, објави агенцијата Јонхап. Тој додаде дека „луѓето се многу загрижени“ за ракетите истрелани од Северна Кореја и повика на дополнителен дијалог меѓу Вашингтон, Пјонгјанг и Сеул.
Влијателната сестра на севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун го обвини Мун дека е бесрамна во изјавата пренесена од официјалната агенција КЦНА.
Ким Јо-Џонг напиша дека нелогичното однесување на Јужна Кореја е еднакво на „гангстерската логика на Соединетите држави, кои го негираат правото на Северна Кореја на самоодбрана, со објаснување дека тоа претставува кршење на резолуциите на ООН и закана за меѓународната заедница“.
Претседателот на САД, Џо Бајден, претходно вети дека ќе одговори доколку Северна Кореја продолжи да ги ескалира тензиите. Сеул и Токио соопштија дека биле истрелани балистички ракети со краток дострел.
Ракетите беа лансирани веднаш по заедничките воени вежби на армиите на Јужна Кореја и САД. Деветдневната командна вежба, која не вклучуваше маневри, заврши во средината на март.