Папата Франциск во саботата ги осуди „дезинформациите“ и лажните вести, кои, во обид да се влијае на јавното мислење, го претставуваат, според него, „првиот грев на новинарството“.
„Дезинформациите се првиот од гревовите, од грешките, да ги наречеме така, на новинарство“, рече тој за време на аудиенција во Ватикан во рамки на доделувањето на новинарските награди на кои присуствуваа италијански новинари.
„Дезинформацијата е еден од гревовите на новинарството, а има четири: дезинформации – кога новинарот не информира или дезинформира; клевета, која понекогаш се користи; гласини – кои се разликуваат од клеветата, но сепак уништуваат; и четвртата е – склоност кон скандал“, рече Светиот Отец.
„Загрижен сум, на пример, за манипулациите што ги користат оние кои шират лажни вести во обид да влијаат врз јавното мислење“, објасни Франциск, повикувајќи на „зголемена одговорност“ во „драматичната ситуација низ која поминува Европа, со оглед на продолжувањето на војната во Украина“.
„Се надевам дека гласот на мирот и оние кои се ангажирани за ставање крај на овој конфликт, како и на многу други, ќе им се овозможи и ќе им се даде простор“, рече тој.
Надарениот комуникатор, 86-годишниот аргентински папа, кој следната недела треба да отпатува за Монголија, даде бројни интервјуа по неговиот избор и покажа многу поголема спонтаност од неговиот претходник Бенедикт Шеснаесетти.