Папата Франциск ги отфрли критиките поради благословот за истополовите парови

од Stefanija Kuzmanovska
177 прегледи

Ватикан оваа недела се обиде да ги смири католичките бискупи во некои земји кои реагираа негативно на минатомесечното одобрување благослов за истополовите парови, велејќи им дека мерката не е „еретичка“ или „богохулна“.

Во соопштението од пет страници, доктриналната канцеларија на Ватикан, исто така, призна дека таквите благослови би можеле да бидат „невнимателни“ во некои земји каде што луѓето кои ги добиваат може да станат цел на насилство, да ризикуваат затвор или дури и смрт.

Католичките бискупи во некои земји, особено во Африка, изразија збунетост и различен степен на несогласување во врска со декларацијата од 18 декември, позната по нејзиното латинско име Fiducia Supplicans (Доверба за молитва).

Фактот дека Ватикан мораше да издаде образложение од пет страници за декларацијата од осум страници, нешто повеќе од две недели по нејзиното објавување, се чини дека го нагласува степенот на конфузијата која ја предизвика во многу земји, пишува „Ројтерс“.

По објавувањето на првичната декларација, голем број на католички бискупски конференции објавија изјави во кои се нагласува дека благословот не претставува официјално одобрување на хомосексуалниот секс или сакрамент на бракот за истополовите парови.

Доктриналната канцеларија, позната како Дикастерија за доктрина на верата, ги нагласи овие аспекти во својата изјава во четвртокот, велејќи дека благословите за истополовите парови не треба да се сметаат за „оправдување на сите нивни постапки и тие не се одобрение на животот што го водат“.

Канцеларијата, исто така, соопшти дека сака да „го разјасни приемот на Fiducia Supplicans и во исто време да препорача целосно и мирно читање“ на декларацијата од 18 декември.

„Очигледно е дека нема простор доктринално да се дистанцираме од оваа декларација или да ја сметаме за еретичка, спротивно на традицијата на Црквата или богохулна“, се вели во соопштението објавено на 4 јануари.

Слични содржини