Папата Франциск испрати емотивна порака од болничкиот кревет

од Nikola Popovski
154 прегледи

Новото соопштение од Ватикан доаѓа по извештаите во медиумите дека папата Франциск е во критична состојба, се бори со билатерална пневмонија во болницата Гемели во Рим.

Според извори од Ватикан, папата се уште добива високи дози на кислород, но нема нови здравствени компликации. Се додава дека папата јаде редовно, додека клиничките тестови се уште се во тек, пишува „Sky News“.

Осумдесет и осумгодишниот папа повеќе од една недела е во болница каде се лекува од билатерална пневмонија и хроничен бронхитис.

Во изјавата утринава, прва по неговиот прием на 14 февруари, Ватикан соопшти дека папата имал „мирна и спокојна ноќ“. Потврдено е и дека и оваа недела нема да ја води традиционалната неделна молитва со порака: „Папата е добро одморен“.

Иако тој лично нема да ја води молитвата, папата подготвил порака која ќе биде прочитана на негово место, барајќи од верниците да продолжат да се молат за негово закрепнување.

Од болничкиот кревет папата истакнал:

„Сигурно го продолжувам лекувањето во болницата Гемели, спроведувајќи ги потребните терапиим а одморот е дел од тој процес. Искрено им благодарам на лекарите и медицинскиот персонал за вниманието и посветеноста со која се грижат за секој пациент. Во овие денови добив многу пораки за љубов и поддршка. Особено ме трогнаа писмата и цртежите што ми ги испраќаа децата. Ви благодарам за вашата блискост и молитвите за утеха што доаѓаат од целиот свет. Сите ве доверувам на Пресвета Богородица и ве молам да се сеќавате на мене во вашите молитви“.

Според извори од Ватикан, пораката била напишана во последните неколку дена.

Во саботата вечерта, Ватикан објави дека папата е во критична состојба по „продолжена респираторна криза“ поради што бил приклучен на кислородна поддршка.

Тој, исто така, добил трансфузија на крв откако тестовите открија тромбоцитопенија, состојба поврзана со анемија. Лекарите тогаш објавија дека прогнозата е „неизвесна“.

Здравјето на папата предизвика загриженост кај милиони верници ширум светот, а се појавија и шпекулации за можна оставка, на што Ватикан допрва треба официјално да одговори.

Лекарите во петокот рекоа дека тој „не е надвор од животна опасност“ и најверојатно ќе остане во болница најмалку уште една недела.

Папата Франциск веќе има историја на респираторни проблеми, бидејќи како млад човек изгубил дел од белите дробови поради плеврит. Тој, исто така, се опорави од тешка форма на пневмонија во 2023 година.

Слични содржини