Папата Франциск денеска се помоли за илјадниците жртви од земјотресот во Сирија и Турција и ја повика меѓународната заедница да продолжи да ги поддржува напорите за спасување и закрепнување.
„Со емоции се молам за нив и сакам да кажам дека сум близок со овие луѓе, со семејствата на жртвите и со сите кои страдаат поради оваа страшна катастрофа“, рече тој.
На крајот од својата неделна аудиенција во салата Павле VI во Ватикан, папата им се заблагодари на оние кои пружаат помош и „ги охрабрувам сите да се солидаризираат со земјите во опасност, од кои некои се веќе исцрпени од долгата војна“.
Според последните податоци, повеќе од 11.000 луѓе загинале во разорните земјотреси во Турција и Сирија, пренесоа светските медиуми.
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган соопшти дека бројот на жртвите од земјотресот во Турција се искачил на 8.574, а во таа земја се повредени 49.133 лица.
Претходно беше објавено дека во Сирија загинале повеќе од 2.500 луѓе.