Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска во Атина изјави дека Европа е одговорна за мигрантската криза, оценувајќи дека Европа е „распарчена од националистичката себичност“.
Соочена со пристигнувањето на мигрантите на нејзиниот праг, Европа и понатаму продолжува да се одолговлекува. „Европската заедница, растргната од националистичката себичност, понекогаш делува блокирано и некоординирано, наместо да биде двигател на солидарноста“, рече папата во говорот во претседателската палата пред политичарите, претставниците на дипломатскиот кор и граѓанското општество.
Папата денеска пристигна во дводневна посета на Грција, а ова е прва посета на еден папа на Атина во последните 20 години.
Папата денеска ќе одржи уште два говори, пред претставниците на Грчката православна црква, а потоа и на Римокатоличката црква.
За време на неговата посета се очекува папата Франциско да престојува и на Лезбос, каде ќе се сретне со мигрантите и барателите на азил кои таму се сместени во бегалскиот камп.
Папата во Атина пристигна од Кипар, каде за време на неговата посета повика на помирување на православните и католичките христијани.