Ватикан потврди дека папата Франциск следниот месец ќе отпатува за Казахстан, каде може да се сретне со рускиот патријарх Кирил.

Папата Франциск (85) од 13 до 15 септември ќе присуствува на меѓуверска конференција во Нурсултан, главниот град на Казахстан, соопшти Ватикан.

Франциск ја откажа планираната средба со Кирил во Ерусалим во јуни, поради можни дипломатски последици, бидејќи поглаварот на Руската православна црква ја оправда руската инвазија на Украина, нарекувајќи ја „метафизичка“ битка со Западот.

Кирил ги благослови и војниците кои одат во војна против Украина и тврдеше дека Русите и Украинците се еден народ.

Папата Франциск ја критикуваше руската инвазија на Украина и поддршката на Кирил за таа војна, а во мај рече дека рускиот патријарх не треба да стане „момче од олтарот“ на рускиот претседател Владимир Путин. Московската патријаршија одговори дека е „жално“ што папата Франциск „избрал погрешен тон“ за да ја пренесе содржината на нивниот видеоповик од март.

Франциск и Кирил првпат се сретнале во Хавана во 2016 година, а од почетокот на руската инвазија на Украина, барем еднаш разговарале преку видео врска.

Слични содржини