Папата и Орбан во Ватикан: „Мораме да ја искористиме шансата за мир“

од Vladimir Zorba
6 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска разговараше со папата Франциск и високи претставници во Ватикан за изгледите за мир во Украина. Орбан во текот на денот треба да се сретне и со италијанскиот премиер Џорџa Мелони.

Унгарскиот премиер имаше одвоена средба со поглаварот на Римокатоличката црква, а потоа се сретна со државниот секретар на Ватикан – Пјетро Паролин и со потсекретарот за односи со државите на Ватикан, Мирослав Ваховски.

„За време на средбата посебно внимание беше посветено на војната во Украина, со фокус на хуманитарните последици и напорите за поддршка на мирот“, се вели во соопштението на Ватикан.

На состаноците се разговарало и за унгарското претседавање со Европската унија оваа година, „централната улога на семејството и заштитата на помладите генерации“, се наведува во соопштението.

Орбан на социјалните мрежи објави фотографија од утринската миса во базиликата Свети Петар, со порака: „Мора да ја искористиме шансата за мир!“.

Орбан, најблискиот сојузник на Кремљ во Европската унија, постојано повикува на мировни преговори и одбива да испрати воена помош за Украина од руската инвазија во 2022 година.

Папата Франциск редовно се моли за мир во глобалните конфликти, а за време на денешната аудиенција повторно зборуваше за Украина, како и за палестинските територии, Израел и Мјанмар.

Слични содржини