Папата: Израелско-палестинската војна прерасна во тероризам

од Stefanija Kuzmanovska
161 прегледи

Конфликтот меѓу Израел и Палестинците отиде подалеку од војна и претставува тероризам, изјави денеска папата Франциск за време на генералната аудиенција во Ватикан.

„Слушнав дека и двете страни страдаат. Војните го прават тоа, но овде отидовме подалеку од војна: Ова не е војна, ова е тероризам“, рече папата по средбите со израелските и палестинските делегации, пренесува АНСА.

Тој изјави дека во текот на утрото примил две делегации, една од Израелците кои имаат роднини како заложници во Газа и една од Палестинците кои имаат роднини затворени во Израел.

„Тие многу страдаат, почувствував како и двете страни страдаат. Да се ​​молиме за палестинскиот народ, да се молиме за израелскиот народ, нека дојде мирот“, заклучи папата.

Претходно прес-службата на израелското министерство за надворешни работи соопшти дека 12 претставници на семејствата на израелските заложници заминале во Рим на средби со папата.

По ескалацијата на палестинско-израелскиот конфликт, поглаварот на Римокатоличката црква постојано повикува на прекин на непријателствата, продолжување на пристапот до хуманитарна помош и ослободување на заложниците.

Слични содржини