Папата му напишал писмо на Зеленски

од Stefanija Kuzmanovska
230 прегледи

Папата Франциск му напишал писмо на украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Во писмото, папата ја изразил својата „блискост со неговиот страдален народ и ја покажа својата подготвеност да стори се за да се стави крај на тоа страдање“, рече кардиналот Матео Зупи, специјалниот претставник на Ватикан за украинското прашање, кој неодамна се врати од Киев, каде што имаше средба со Зеленски.

„Треба да постигнеме мир што е можно поскоро, да видиме што е потребно за да го постигнеме. И тоа е поентата на писмото што папата му го напиша на Зеленски – да видиме како можеме да помогнеме, да бидеме со неговиот напатен народ, да го покажеме нашиот интерес да ставиме крај на таа трагедија“, вели кардиналот во интервју за „Република“.

„Отидов во Киев да кажам: Ние сме со вас и ќе помогнеме колку што можеме за да дојде до мир“, рече Зупи.

Кардиналот додаде дека има знаци дека во Москва ќе биде примен од претставници на владата и на Руската православна црква.

„За Москва, двата региона во Донбас се дел од Русија, додека Украина се бори за нејзиниот територијален интегритет. И очигледно е дека тоа се спротивставени позиции. Ние сакаме овој спор да се реши, не со оружје, туку со сите тие инструменти кои не беа доволни за да се избегне конфликтот“, рече тој.

Папата Франциск на 13 мај го прими Зеленски во Ватикан. Бројни медиуми сметаат дека за време на патувањето во Москва, кое се подготвува, Зупи би можел да му ја пренесе пораката од папата на рускиот претседател Владимир Путин.

Слични содржини