Папата Франциск денеска повика да се прекинат нападите врз цивили во светските конфликти, вклучително и конфликтите во Газа и Украина, и посочи дека нападите врз цивили се воени злосторства.
„Современите војни повеќе не се водат само на боиштата, ниту се однесуваат само на војниците. Не смееме да заборавиме дека сериозните прекршувања на меѓународното хуманитарно право се воени злосторства и дека не е доволно да се идентификуваат, туку е неопходно и да се спречат“, рече поглаварот на Римокатоличката црква за време на новогодишната аудиенција на членовите на дипломатскиот кор акредитиран во Светата столица, пренесе АНСА.
Папата рече дека настаните во Украина и Газа се јасен доказ за сериозно кршење на меѓународното хуманитарно право.
„Дури и кога станува збор за остварување на правото на самоодбрана, неопходно е да се придржуваме до пропорционална употреба на сила“, рече папата Франциск.