Научниците предупредуваат дека во наредните децении се очекува пад на нивото на морето околу островот, и покрај рекордното топење на мразот предизвикано од климатските промени.
Истражувачи од опсерваторијата Lamont-Doherty Earth Observatory, која е дел од Универзитет Колумбија, во студија објавена во научното списание Science Communications проценуваат дека, во сценарио со ниски емисии на стакленички гасови, нивото на морето околу Гренланд до 2100 година може да се намали за околу 0,9 метри. Во сценарио со високи емисии, падот би можел да достигне и 2,5 метри.
Иако на прв поглед звучи контрадикторно, причината за овој феномен лежи токму во топењето на масивната ледена плоча што го покрива Гренланд. Со намалувањето на мразот, копното под него постепено се издигнува, ослободено од огромниот товар.
Коавторката на студијата, Жаклин Остерман, овој процес го споредува со мемориска пена што се враќа во првобитната форма откако ќе се отстрани притисокот. Овој природен процес е познат како глацијално изостатичко прилагодување.
Покрај тоа, научниците објаснуваат дека со губењето на масата на ледената плоча слабее и нејзината гравитациска сила, која претходно ја „влечела“ морската вода кон островот.
„Кога ледената плоча е огромна, нејзината маса ја привлекува морската површина. Како што таа маса се намалува, се намалува и гравитациското влијание, што резултира со пад на нивото на морето“, објаснува главната авторка Лорен Леврајт.
Се проценува дека овие два ефекта заедно ќе придонесат за околу 30 проценти од идниот пад на нивото на морето околу Гренланд.
Иако падот на нивото на морето може да звучи како позитивен феномен, тој носи и сериозни предизвици. Крајбрежните населби на Гренланд ја изградиле својата инфраструктура според сегашната линија на морето, што значи дека значително намалување може да остави пристаништа, бродски рути и рибарски објекти „на суво“.
„Најголемото влијание ќе го почувствуваат локалните заедници, а последиците ќе се одразат врз поморскиот сообраќај, рибарството и инфраструктурата“, предупредува Остерман.
Од друга страна, ваквиот развој може да го олесни пристапот до природни ресурси и рудни богатства, што веќе го привлекува вниманието на големите светски сили, пред сè Соединетите Американски Држави.
Истражувачите додаваат дека постои можност падот на нивото на морето делумно да помогне во стабилизацијата на некои глечери што се влеваат во океанот, но засега не е јасно дали овој ефект ќе биде доволно силен за значително да го забави нивното топење.