Црвениот крст продолжува со напорите да остане доверлив и транспарентен партнер во управувањето со донациите за настраданите. Претседателот на организацијата, Саити, на трибината „Кочани е нашиот приоритет“, истакна дека досега се собрани над 158 милиони денари, што е околу 2,6 милиони евра – рекордни средства кои Црвениот крст никогаш претходно не ги мобилизирал.
„Интересот за донации веќе се намалува, но сметките на Црвениот крст остануваат отворени до крајот на месецот. Ќе се обидеме средствата да ги пренасочиме таму каде што се најпотребни“, рече Саити.
Според него, досегашната распределба била линеарна, односно сите добиле подеднакво. Но, преостанатите 49 милиони денари ќе бидат распределени по нов модел – согласно анализите на работната група и реалните потреби на пациентите.
„Не сите настрадани имаат исти повреди, исти прогнози или исти потреби. Затоа одлучивме да чекаме финален извештај и врз основа на тоа веднаш ќе се исплатат средствата. Целта е парите да стигнат до оние на кои навистина им се најпотребни“, објасни Саити.
За дополнителна транспарентност, ангажирана е и меѓународна ревизорска куќа, која ќе изврши преглед на целокупното работење со донациите од 17 март па сè до крајот на јуни. Саити нагласи дека овој процес ќе придонесе за довербата која граѓаните ѝ ја даваат на организацијата. Црвениот крст апелира до граѓаните и понатаму да покажуваат солидарност, додека организацијата се обврзува дека секој денар ќе биде потрошен одговорно и со јасна намена.