Парична казна за Фејсбук во Италија од седум милиони евра

од Stefanija Kuzmanovska
208 прегледи

Италијанското антимонополско тело го казни „Фејсбук“ со 7 милиони евра за непочитување на барањето за корекција на неправилни комерцијални практики поврзани со употребата на корисничките податоци.

„Тековната истрага потврди дека компанијата не објавила изменето известување за употреба на кориснички податоци и не ја запрела воспоставената нелојална практика“, се вели во соопштението на италијанскиот регулатор.

Во ноември 2018 година, италијанската комисија за заштита на пазарната конкуренција донесе одлука дека „Фејсбук“ не ги информирал правилно корисниците за собирање и употреба на нивните податоци.

Тогаш ја казни американската компанија со 5 милиони евра и побара од неа да објави ажурирано известување за корисниците на почетната страница на својата веб-страница за Италија, како и во апликацијата Фејсбук и на личната страница на секој регистриран италијански корисник.

„Со оглед на економската вредност на податоците, корисниците треба да можат да одлучат дали ќе му дозволат на Фејсбук да ги користи“, посочува италијанскиот регулатор.

Портпарол на „Фејсбук“ рече дека компанијата е известена за соопштението на регулаторот, но дека ќе ја чека одлуката на Државниот совет во врска со нивната жалба против првичните заклучоци на комисијата.

Слични содржини