ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Владата за укинување на економските директори во здравствените установи, најавувајќи дека парите ќе одат кон подобрување на здравствените услуги.
Според партијата на Христијан Мицкоски, со укинувањето на економските директори, се укинува дуализмот во здравството, но и се подобрува ефикасноста.
Со воведување на систем на еден директор, се намалуваат административните трошоци, а средствата ќе се пренасочат во подобрување на здравствената инфраструктура, зголемување на транспарентноста и отчетноста, соопштија од владеачката партија.
Вчера Владата донесе одлука за укинување на економските директори во јавните здравствени установи, односно ќе се укине постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите.
-На овој начин ќе се одбегне дуализмот и прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите. Исто така на овој начин се исполнува уште едно ветување од програмата на Владата, соопштија од владиниот кабинет.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари на 24 јуни, два часа откако ја презеде функцијата, најави дека ќе почне да ги разрешува економските директори на клиниките. Како што кажа Таравари, за два месецa сите ќе бидат разрешени и веќе нема да постои функцијата економски директор, односно на клиниките ќе има само по еден директор.