Парите за новогодишно украсување Општина Чаир ќе им ги додели на семејствата на загинатите во несреќата во Бугарија

од Берта Китинска
286 прегледи

Средствата предвидени за украсување на територијата на општина Чаир за новогодишните празници ќе бидат распределени за семејствата на загинатите во трагичната несреќа во Бугарија едногласно денеска одлучи Советот на Општина Чаир.

„Тоа значи дека од сметката 425990, програма Е0, одбиваме 1.200.000 денари и ги додаваме на сметката 412110, програма А0, постојани резерви“, изјави градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.

Советот на Општината формира и комисија со претставници од сите партии во Советот на Општина Чаир и еден вработен од општинската администрација, кои ќе одлучуваат за распределбата на овие средства.

„Се надеваме дека со овој наш денешен чин ќе придонесеме во ублажување на болката на членовите на семејството што ги загубија своите роднини во трагичната несреќа. Нека им е лесна земјата на оние што ги загубија животите, а нивните роднини, пријатели и колеги нека живеат и нека се сеќаваат на нив“, изјави Ганиу.

Ганиу вчера изјави дека бројот на жртвите од сообраќајната трагедија во Бугарија од оваа општина официјално е 16, но дека, според него, има повеќе жртви кои живееле во Чаир, но имаат адреси во други општини.

Слични содржини