Грција, а не Европа ќе ги носи товарот на сите проблеми кои произлегуваат од грчките финансии. Европа создала амортизери, за да се заштити, изјави вчера францускиот министер за финансии Мишел Сапен, цитиран од агенциите.

“Ако се случи нешто непријатно, тоа ќе биде сериозно за Грција, за грчкиот народ, а не за другите земји од еврозоната. Ние воопшто не сме во иста ситуација, во која бевме пред четири или пет години”, изјави Сапен.
“Научивме да креваме ѕидови за да се заштитиме, да го заштитиме банкарскиот систем, да ги заштитиме други земји, кои можат да станат ранливи, ако нешто се случи во Грција. Значи Европа е многу силна. Европа е заштитена од превирањата . Опасноста е за Грција “, истакна тој.
Сапен ја даде изјавата на пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка. “Грција треба да ги почитува правилата кои важат за сите земји во еврозоната”, изјави Сапен.
“Грција потпиша не само меморандум, туку и договори и презеде обврски. Овие обврски треба да бидат исполнети”, додаде тој.
ММФ се надева консултациите да се забрзаат
Во меѓувреме Меѓународниот монетарен фонд објави дека се надева дека консултациите со Грција по прашањето за антикризната поддршка ќе се забрзаат и продлабочат, изјави директор на Фондот, Кристин Лагард.
Средбата со грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис беше продуктивна, истакна Лагард на прес-конференција во Вашингтон.
Таа истакна дека целта на ММФ не е променета и работата е насочена кон “враќање на стабилноста, гарантирање на излез од кризата, да се осигура дека Грција ќе може да стане суверена од гледна точка на финансирањето и економски развој”, додаде директорот на ММФ.