Парламентарци од Европа и САД им пишаа на Борел и Блинкен: Притиснете ја Србија

од Nikola Popovski
293 прегледи

Политичари од Европа и од САД испратија писмо до високи функционери на Европската унија и Вашингтон во кое бараат ЕУ и САД да го променат пристапот во однос на Косово и Србија, објави РСЕ.

Британската пратеничка Алиша Кернс објави писмо упатено до американскиот државен секретар Ентони Блинкен, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли.

Таа истакнала дека писмото го потпишале 10 претседатели на Комисијата за надворешни работи и 56 пратеници.

Во писмото се повикува на рамнотежа и пропорционалност во интеракцијата со Косово и Србија и се оценува дека недостатокот на притисок врз Србија, по приведувањето на тројца косовски полицајци и неуспехот да се повикаат на одговорност оние кои ги нападнаа припадниците на КФОР, укажува на недостаток на еднаквост во решавањето на тензии.

Се нагласува дека сегашниот пристап не функционира и дека треба да се обезбеди да не се усвојат политики кои го ставаат Белград во центарот на политиката кон Балканот.

Во однос на изборите, во писмото на кое се повикува РСЕ се наведува дека Косово е независна држава и дека „обидите Србија да ги попречува демократските избори на Косово треба јавно да бидат критикувани како мешање однадвор“.