Парламентарната комисија за надворешна политика на Албанија одржа итна седница со претставници на Министерството за надворешни работи околу политичката ситуација во Македонија и улогата на албанскиот фактор, јави дописникот на МИА од Тирана.
Според заменик министерката Одета Барбулуши она што довело до влошување на политичката нестабилност, меѓу другото, е и амнестијата дадена од претседателот на Македонија.
– Помилувањето или амнестијата од страна на претседателот, всушност, објективно ги поткопа сите или најголем број на целите кои требаше да се постигнат со договорот од Пржино, бидејќи амнестирани се сите оние лица чии имиња излегоа со прислушувањето како осомничени и вмешани во разни коруптивни афери, изјави Барбулуши.
Потоа, седницата продолжила уште околу еден час зад затворени врати, а извори за тиранската телевизија Топ-чанел, потврдиле дека дискусијата главно била фокусирана на улогата на албанскиот фактор во Македонија. При тоа било реферирано дека ДУИ е „за“ спроведување на изборите на петти јуни, додека ДПА се уште нема јавен став околу ова прашање.
Исто така била презенирана листата на помали партии кои излегле на политичката сцена во последно време и значењето што тие може да го дадат во македонската политика.
Од страна на пратениците, членови на Комисијата за надворешна политика побарале Министертсвото да одржува постојани контакти во врска со состојбата во Македонија, но да избегнува да се меша во внатрешната политика на Македонија.