Парламентот на Шри Ланка под силно обезбедување избира претседател

од Stefanija Kuzmanovska

Високи безбедносни мерки се видливи околу зградата на парламентот на Шри Ланка, каде пратениците го избираат новиот претседател на земјата меѓу тројца кандидати со тајно гласање.

Ранил Викремесинге (73), премиер и вршител на должноста претседател, е еден од двајцата главни кандидати за нов шеф на државата, по зголемената поддршка за неговиот противкандидат Дулас Алахаперум (63), поранешен министер, владин портпарол и пратеник на владејачката партија, пренесува „Ројтерс“.

Тој беше номиниран за претседател од отцепената фракција на владејачката коалиција, а партиите на етничките малцинства во парламентот, исто така, најавија дека ќе го поддржат Алахаперум. Третиот кандидат, Анура Кумара Дисанајака, лидер на левичарска партија со само три места во 225-члениот парламент, нема реални шанси да победи.

Кој ќе добие најмногу гласови ќе биде на власт до 2024 година, остатокот од мандатот на Готабаја Рајапакса, кој избега од земјата и поднесе оставка.

На евентуалната победа на Викремесинг се спротивставуваат многу обични жители на Шри Ланка, кои го гледаат како дел од владеењето на Рајапакса што ја доведе земјата во економска катастрофа.

Слични содржини