ПАРНО ЌЕ ИМА: Падна договор меѓу ЕСМ и Адора

од Nikola Popovski

АД ЕСМ и Адора постигнаа договор за закуп на топланите во сопственост на Адора, кои ќе се користат од страна на АД ЕСМ во процесот на обезбедување парно греење за градот Скопје. Договорот меѓу двете компании ќе важи од 1 октомври до 30 април наредната година.

-Договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23 година. Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), соопшти попладнево ЕСМ.

Грејната сезона почнува од 15-ти октомври.

Владата уште претходно го задолжи АД ЕСМ – Скопје да основа три трговски друштва со ограничена одговорност што ќе вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје. Електростопанство на Северна Македонија ќе биде основач и единствен содружник на друштвата, а ваквиот чекор следи откако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) ги одзеде трите лиценци на компанијата БЕГ за производство, диструбуција и снабдување со топлинска енергија.

Компанијата „Адора инженеринг“, во чија сопственост се топланите Исток и Запад, пред неколку дена соопшти дека е согласна, доколку се изнајде модел за да се подмират нивните побарувања, да се премине кон краткорочен договор за закуп со АД ЕСМ до моментот на реализација на сите потребни услови за купопродажба.

Слични содржини