Партиите и Владата без осуда за нападот во Москва: „Потребен е државен систем во рамки на МНР кој ќе се грижи за севкупното постапување во важни светски ситуации“

од Nikola Popovski
263 прегледи

Дали геополитиката толку е навлезена во делувањето на партиите од земјава? Ваков впечаток се добива откако само шефот на државата, Стево Пендаровски и останатите претседателски кандидати го осудија и изразија сочувство за жртвите по терористичкиот акт во Моксва, во кој беа убиени најмалку 137 лица. Освен Левица, молк од останатите најголеми партии, меѓу кои и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, како и нивните лидери, Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски. Ниту Министерството за надворешни работи не излезе со реакција, иако во неколку претходни наврати стигнуваше осуда за други немили настани во светот, во кој беа убиени невини жртви. Единствено техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски се огласи, потенцирајќи дека „ваквите ужасни акти на насилство извршени врз невини цивили налагаат најостра осуда од сите чинители посветени на мирот и безбедноста и се сериозен потсетник за заканата што ја носи тероризмот за нашите општества“.

Целиот свет изрази силни осуди и сочуство за нападите и тоа е начин како светот функционира, сметаат експертите. Комуникологот и специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов во разговор за „Локално“ вели дека не треба да постои држава која поддржува напади над недолжни луѓе каде било во светот.

Бојан Кордалов

-Сметам дека партиите немаат доволно протоколарно искуство и ресури за да брзо, протоколарно и адекватно реагираат во вакви ситуации (што е и очекувано во држава како нашата со неколкудецениско демократско искуство), истакнува Кордалов.

Според него, она што е неопходно да се воспостави е државен систем во рамки на МНР кој ќе се грижи за севкупното постапување во важни светски ситуации (позитивни и негативни). Кордалов истакнува дека системот ќе има задача да подготви предлог-текстови и акции кои важните општествени политички чинители треба да ги спроведат, а и ќе ги води до конечното нивно испраќање до важните адреси.

И политикологот Љуљзим Фаризи тврди дека сожалување и праќање на сочуства до секој граѓанин на секоја држава која е нападната од страна на терористите или терористичките организаци, пред се треба да се прати од страна на владини на фнкционери кои ја предводат државата, бидејќи истите ја претставуваат државата во меѓународните организаци. Истакнува дека тероризмот и терористичките акти се најтешки меѓународни кривични дела над човечството и тоа треба да се осуди од сите нас и пред се да сожалиме за загинатите цивили.

-Политичките партии треба да ги надминуваат натпартиските интереси, ако не друго барем да го осудат злосторничкиот акт, да го карактeризират како терористички и да жалат за загинатите луѓе, вели Фаризи за „Локално“.

Љуљзим Фаризи

На прашањето зошто Пендаровски и Силјановска се огласија, а не и Ковачевски и Мицкоски, соговорникот смета дека и кандидатите за претседател се припадници на политички парти, односно ако некој од нив се огласил, тоа значи дека на некој начин и политичките партии го осудуваат терористичкиот акт.

Фаризи оценува дека во моментотв геополитиката е изменете бидејќи со војната помеѓу Украина и Русија, многу држави во регионот и поопширно мора да заземат страна, особено после санкциите ставени кон Русија од страна на САД и ЕУ, така што на некој начин и политичките партии кои се сериозни и сакаат да управуваат со државата мора да бидат претпазливи кон чекорите кои ги преземаат, односно се плашат лесно да заземаат страна.

-Не верувам дека конкретниот случај има врска со изборниот процес бидејќи терористичкиот акт се случи после изборите, надвор од објектите каде се одвивал изборниот процес и самите фатени терористи не изјавиле дека истиот го извршиле за таа цел. Пред се терористичкиот акт не бил насочен кон политичари, државни функционери или институци, туку кон цивили кои учествувале во концерт, рече политикологот.

Фото: РИА Новости. Сергей Бобылев

Н.П.

Слични содржини