Премиерот Димитар Ковачевски смета дека партиите кои ќе предложат министри во техничката влада, нормално е и да гласаат за неа. Според него, има доволно време до недела за сите процедури. В среда опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи состанок на Извршниот комитет на кој се очекува да бидат обелоденети имињата на нивните кандидати за министри и заменици. За моментот дека можно е нивните кандидати да не се најдат на листата на владата, координаторот на пратеничката група Никола Мицевски смета дека тоа би било политички аматеризам и дилетантизам.
Заедно со Ковачевски во четврток оставка поднесува и спикерот Талат Џафери кои ќе ја предводи техничката влада. Во петок ќе биде избран новиот претседател на Собранието Јован Митрески, а претседателот Пендаровски ќе го додели мандатот за состав на нова Влада. До недела на полноќ техничката влада треба да биде изгласана и ќе има важност од 100 дена.
Што стои зад „игрите“ на партиите?
Дел од експертите жалат што пред секој расплет имаме ваква ситуација на натегнувања и надмудрувања помеѓу политичките актери. Политичкиот аналитичар и и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи смета дека ова е периодот кога политичките актери се во комуникација позади завесите.
Тој не верува дека некој ќе се стави над законите и предвидените процедури и смета дека оваа влада ќе се избере во предвидениот рок и се друго е само дневна политика и ситни политички поентирања од политичките актери.
-Оваа влада беше како резултат на тешки моменти и несогласеност помеѓу политичките актери во минатото и не требаше да биде пример се до денеска и е потребно што поскоро да се смени овој луксуз на државна сметка со дополнителни фунционери и дополнителни советници и кабинети за сите промени кои се прават. Имаше резултат првиот пат, но веќе изборите се кристално чисти и нема потреба за оваа измислена работа, истакнува Салихи во разговор за „Локално“.
Според него, нашите политичари реагираат многу бавно и не се во тек со настаните.
-И да реагираат побрзо како би се сменило една состојба која не е во интерес на граѓаните патем. Треба и измени на Изборниот законик и секогаш тие се ставаат да се гласаат по распишување на изборите што е спротивно на Кодот на добрите практики од Венецијанската комисија, наведува соговорникот.
Околу гласањето на техничката влада и дали воопшто владејачкото мнозинство може да собере 61 пратеник, Салихи вели дека договорот ќе се постигне деновиве и ќе завршат изјавите дадени како дневна политичка доза и сите други нерасчистени ситуација како ДИК и други нејаснотиии ќе се расчистат во наредниот период до распишување на изборите.
Според поранешната пратеничка Никица Корубин, играта што се води е погрешен чекор според мене. Таа во разговор за „Локално“, ова цело време го води ВМРО-ДПМНЕ, која има сигурна медиумска и веројатно друга поддршка, а пак е дел од “купувањето време” за неизгласувањето на уставните измени.
-СДСМ, барем јавно, е пасивната страна во континуитет, која наместо да ги води, ги следи процесите. Нивното одбивање да продолжи да го толерира флагрантното поигрување и дезавуирање на законите и нивната логика, од страна на ВМРО-ДПМНЕ, можеби покажува дека ја менуваат динамиката и сакаат да ги превземат процесите посериозно, истакнува таа.
Доколку не се избере техничка влада, ќе продолжи политичката влада, додава Корубин, но, тука е проблемот.
-За да се дојде до избор на техничка влада, која во моментов е законска обврска, актуелниот премиер треба да поднесе оставка, а со тоа и цела влада е во оставка, за да може претседателот на државата да го даде мандатот на техничкиот премиер, кој знаеме дека треба да биде актуелниот претседател на собранието. Според агендата која самото собрание ја најави, последователно ќе следат оставките и на премиерот и на претседателот на собранието, притоа со неизвесен исход на избор на техничката влада. Тоа го става во ризик, не само целиот процес, туку и ја доведува во апсурдна ситуација целата држава, со можноста да остане без премиер и претседател на собранието, макар и на еден ден, кои се всушност две од трите најважни функции во државата. Токму затоа треба да се внимава на чекорите и на апсолвирање и превенирање на сите ризици. Но, на крајот прашањето останува, зошто се компромитира цел изборен процес, уште незапочнат, од страна на оние кои константно бараат избори, прашува поранешната пратеничка.
Околу укинување на Пржинската влада, Корубин посочува дека ова одговараше на условите пред 2016 година и изгубената доверба во “заробената држава” и легитимноста на изборниот процес.
-Техничката влада повторно се “врати во игра” со измена на истиот закон, овој пат со трајна употреба, со што парадоксално се изврши своевидно легитимирање на недовербата во системот и институциите, и дополнително се партизираше со потреба од опозициски партиски решенија, за политички позиции. Очекувањата беа наменети и имаа логика само за изборниот циклус во 2016, кои беа пропратени и со заштитни механизми во составот на ДИК, во ад хок телото на Агенцијата за медиуми. Но, вака соголено е само непотребна партизација на институциите на системот и треба да биде укината, децидна е соговорничката.
Изборот на член на ДИК, кој треба да биде предложен од опозицијата, нагласува Корубин, целосно непотребно се комплицира од страна на мнозинството во собранието.
-Идејата дека албанската опозиција е опортуно и популистички да се “доближи” до ВМРО и на овој начин, според мене е контрапродуктивно. Несериозно е и со овој чекор, да се остави простор за проблематизирање и на изборниот процес, но и на резултатите од изборите. Не сметам дека мнозинството е проблем, туку се чини дека главен проблем се обврските на државата за ЕУ интеграција, кои остануваат без разлика на било каков исход од изборите. И сите игри почнуваат и завршуваат тука, заклучува познавачката на состојбите.
Согласно Пржинскиот договор, техничка Влада се формира на 100 дена до избори и се избира во Собранието со просто мнозинство и е сочинета и од министри предложени од опозицијата, односно министер за внатрешни работи, министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменици-министри за финансии, за информатичко општество и администрација и за земјоделство.
Мандатот на техничките министри и заменици-министри трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што тој им престанува по сила на закон. Концептот техничка или пржинска влада беше воведен по кризата што настана, откако премиерот Зоран Заев, а тогаш лидер на опозицијата во 2015 година, почна со објавување на „бомбите“, по што следуваа предвремени избори.
Овој концепт, кој сега е законска обврска, е дел од Пржинскиот договор кој во 2016 година го постигнаа поранешниот премиер Никола Груевски, актуелниот премиер Заев, кој тогаш беше во опозиција и претставници на другите партии со помош на меѓународната заедница.
Н.П.