ВМРО-Народна партија денеска побара во новиот предлог-закон на Министерството за правда да влезе и амнестија на осудените од настаните на „27 април“. Според партијата, со таквиот чин Северна Македонија ќе покаже решителност и зрелост за затворање на тој случај и конечно отворање на процес кон внатрешно помирување.
Од партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски истакнуваат дека уште пред две години побарале измени во Кривичниот законик со додавање на новини се со цел намалување на и онака пренатрупаните затворски капацитети.
Тогаш излеговме со став дека е време законски да се смени досегашната практика на изрекување затворски казни без притоа да се даде шанса или некаква опција таа казна да се замени или откупи. Согласно на тоа предложивме откупување на казната по тарифа одредена од страна на државата и тоа да важи за изречени „поблаги“ казни.
Со оваа мерка првенствено ќе се полни буџетот на државата, а воедно и ќе се намали пренатрупаноста и бројот на затвореници кои во денешно време ги има и над дозволениот односно над бројката на расположливи кревети по затворските установи, стои во ставот на ВМРО-НП.
Во првиот предмет за упадот во Собранието беа обвинети 33 лица од кои со закон за амнестија беа помилувани 15 лица. За 16 осудени за „тероризам“ судот донесе пресуда со вкупно 188 години затвор.
Голем дел од осудените во предметот за упадот на 27 април издржаа скоро половина од казната во затворите во Штип, Прилеп, Идризово и Скопје. Апелацискиот суд, во меѓувреме, на 3 април ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите на „крвавиот четврток“, спикерот Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Предметот е вратен на повторно судење.
Во 2018 со Законот за амнестија беа помилувани 15 од вкупно 33 лица обвинети за настаните во собранието, меѓукои и петмината пратеници од тогашната коалиција на ВМРО-ДПМНЕ.