Партијата на Македонците ќе учествува на парламентарните избори во Албанија

од Nikola Popovski
21 прегледи

Централната изборна комисија на Албанија соопшти дека е прифатено барањето на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) за учество на парламентарните избори што ќе се одржат во земјата на 11 мај.

„Централната изборна комисија на седницата одлучи по барањето за регистрација на МАЕИ за учество на парламентарните избори во Република Албанија и го прифати, со што стана една од 22-те политички партии пријавени за учество на изборите“, се вели во соопштението на Комисијата.

Васил Стерјовски, претседателот на партијата, претходно за МИА изјави дека поднеле барање до Централната изборна комисија, со потребната документација, да бидат пријавени за учество на парламентарните избори во Албанија.

„Сигурни сме дека ќе бидеме регистрирани како политички субјект, бидејќи ја доставивме целата потребна документација“, рече Стерјовски.

Стерјовски додава дека рокот за пријавување на политичките партии е 25 овој месец, а потоа и рокот за пријавување на коалициите.

„Засега немаме став дали ќе излеземе на избори самостојно или ќе бидеме дел од изборна коалиција. Се разбира, највисокото раководство на партијата ќе донесе одлука за тоа“, додаде претседателот на партијата.

МАЕИ е запишана како политички субјект во судскиот регистар на 8 јуни 2005 година. Првпат учествуваше на локалните избори во 2007 година и оттогаш е редовен дел од секој изборен циклус.

Слични содржини