Партијата на пензионерите ја поддржува иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за постигнување на широк политички консензус за клучните реформски закони за трасирање на единствен пат кон Европската Унија и за укинување на Техничката влада. Според партијата, неопходно е сите стратешки и витални прашања во врска со државата да се решат на еден консензуален и транспарентен начин, во вистинска визионерска смисла и во интерес на граѓаните, со нивно реално аплицирање на секојдневното живеење.
-На владејачките партии, како носители на законодавната и извршната власт, им посочуваме конструктивно да ги согледаат предлозите и забелешките од страна на опозицијата, но во исто време на опозицијата и предлагаме да се вклучи максимално во поднесувањето на реални и издржани солуции како и да ги подржи сите добри решенија на Владата, кои се во интерес на граѓаните и државата.
Партијата на пензионери уште еднаш потенцира и бара од сите релевантни политички фактори во земјата да се покаже и докаже највисокото рамниште на политичка, општествена, национална и државничка доблест, мудрост и вештина за постигнување на во овој момент најбитната државна цел, а тоа е полноправно и достоинствено членство во Европската Унија, стои во партискиот став.