Партија на пензионерите ќе ја напушти досегашната коалиција со СДСМ и на претстојните локални избори ќе настапи како дел од коалицијата, предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Како што соопшти претседателот на партијата, Илија Николовски, одлуката е донесена на барање на членството – околу 90% од нив се изјасниле дека сакаат соработка со актуелната власт.
Оваа одлука, Николовски вели дека му ја соопштил и на лидерот на опозицијата, Венко Филипче.
„Ние како Партија на пензионери досеега бевме дека од коалицијата со СДСМ. Водевме дискусија во извршниот и централниот одбор. Од 100 присутни членови, само неколкумина предложија да настапиме самостојно, а ниту еден не беше за останување со СДСМ. Дури 90 отсто се изјаснија за коалиција со актуелната власт. Желбата на членството е јасна, да одиме со власта“, изјавил Николовски.
За претстојните локални избори, партијата ќе настапи со свои советнички листи во Штип, Делчево и во Пехчево. Во разговорите со ВМРО-ДПМНЕ пензионерите бараат советници во повеќе општини, кандидат за градоначалник во Карбинци, но и членство во уравни одбори на локално и на централно ниво.
За Николовски е важно Партијата на пензионерите да добие места во управните одбори во Пензиско и инвалидско осигурување на Македонија (ПИОМ) и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО).
Николовски и неговата партија на изборите во 2016 година не отидоа со власта, туку тогаш беа заедно со опозициската СДСМ. Повеќе нивни кандидати сѐ уште се советници во одредени општини како дел од коалцијата на СДСМ во 2021.